ЏЕНИФЕР ГРЕЈ СЕ ВРАЌА ВО ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА „ВАЛКАН ТАНЦ“

САД, (Пипл)

Џенифер Греј ќе ја повтори улогата на Бејби (Френсис Хаусман) во продолжението на големиот хит од 1980-тите, „Валкан танц“. Сценаристка на новиот филм е Ким Розенсток, а продукцијата се очекува да започне подоцна оваа година.

„Улогата на Бејби има многу длабоко и значајно место во моето срце, како и во срцата на толку многу обожаватели. Долго време се прашував каде би можеле да ја најдеме Бејби години подоцна и каков би можел да биде нејзиниот живот, но беше потребно време да се соберат луѓе на кои може да им се довери да градат врз наследството на оригиналниот филм. И возбудена сум што можам да кажам дека чекањето наскоро ќе заврши“, вели 65-годишната Греј, која глумеше со покојниот Патрик Свејзи во оригиналот од 1987.

Џенифер Греј (Фото: Филм меџик)

Продуцентката Лиза Џејкобсон вели дека „Валкан танц“ е „редок филм кој е емотивен, возбудлив и бунтовен и денес како што беше и кога излезе“.

Греј, која исто така е извршна продуцентка на проектот, со години зборуваше за продолжение на „Валкан танц“. Во 2020 таа рече дека продолжението на филмот нема да се обиде да ја врати хемијата што ја имала со Свејзи, кој почина во 2009 на 57-годишна возраст од рак на панкреас.

„Сѐ што можам да кажам е дека нема замена за никого што починал, никогаш не се обидуваш да повториш нешто толку магично“, рече таа во тоа време.

(Фото: Алами)