ВИОЛОНЧЕЛИСТОТ АНТОНИО ИЛИОСКИ ГО ПРОМОВИРАШЕ ПРВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младиот виолончелист Антонио Илиоски го промовираше албумот „Надвор од тишината“, (Beyond the Silence) во издание на „Баги комуникации“.

Ова е дебитантски албум на Илиоски на кој отсвире Соната за виолончело и пијано од Клод Дебиси и Соната за виолончело и пијано бр. 1 од Јоханес Брамс. Албумот е снимен минатата година во Филхармонијата, со пијано придружба на бугарската пијанистка Јана Лолова.

Антонио Илиоски е еден од најистакнатите млади виолончелисти на новата генерација, со забележителен меѓународен ангажман уште на студентска возраст. Студира на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија кај професорот Атанас Крстев

На промоцијата, за изданието зборуваше етномузикологот Бранка Костиќ-Марковиќ, која во својата рецензија го опиша проектот како „сведоштво за години посветеност“.

Издавачот на албумот, Владимир Мандичевски-Манде од „Баги Комуникации“, рече дека овој проект е резултат на јасна верба во уметничкиот потенцијал на младиот виолончелист.

„Кога ќе препознаеш вистински талент, обврска ти е да му дадеш простор да се изрази“, рече Мандичевски.

Музичкиот продуцент на албумот, Ален Хаџи-Стефанов, зборуваше за процесот на снимање.

Антонио Илиоски го опиша албумот како личен и професионален чекор напред.

Ален Хаџи-Стефанов, Бранка Костиќ-Марковиќ, Антонио Илиоски и Владимир Мандичевски од „Баги комуникации“ (Фото: „Баги комуникации“)

„Овој албум за мене е прва вистинска средба со сопствениот уметнички глас. Тоа не е само документ од еден период, туку обид да ја преточам тишината, работата и сите сомнежи во музика. Благодарен сум на целиот тим што стои зад проектот, а особено на моето семејство, без чија поддршка, разбирање и трпение овој пат немаше да биде можен“, рече Илиоски.

Видеопорака од Софија испрати пијанистката Јана Лолова, со која него свири на албумот.

„Ова не е проект на солист и придружба, туку дијалог. Заедно ја градевме музичката мисла откривајќи простор меѓу тоновите, а не само во нив“, рече Лолова.

На промоцијата, Антонио Илиоски свиреше краток извадок од дело на Сергеј Прокофјев, по што ја покани публиката на концертната промоција на албумот, која ќе се одржи на 28 април во Филхармонијата.