КОГА 42 КМ НЕ СЕ ДОВОЛНИ – НЕВЕРОЈАТНИОТ ПОДЕМ НА УЛТРАМАРАТОНИТЕ

Лондон, (Гардијан)

Живееме во време кога секој познава некого што има истрчано маратон, но во последните десет години, во светот значително се зголеми популарноста на многу подолги и поекстремни трки.

Должината на ултрамаратоните понекогаш се мери во стотици километри, често поминуваат низ стрмни планински предели, пустини или опасни џунгли и тие се речиси невозможни тестови за човечките тело и дух, па, сепак, бројот на учесници постојано се зголемува.

Стив Дидерих го води сајтот за ултрамаратоните „Ран ултра“. Кога го почнал пред 12 години, тој пронашол 160 вакви трки низ светот. Денес, на неговиот сајт има повеќе од 1.800 ултрамаратони, што е зголемување за 1.000%.

Магазинот „Ултра ранинг“ го следи овој спорт во Северна Америка и тој, исто така, укажува на неговата растечка популарност. Во 2003 година, 18.000 луѓе завршиле ултрамаратон во Северна Америка. Лани ги имало 105.000.

Слична е ситуацијата и во Азија, каде што бројот на ултрамаратони во последните десет години се зголемил од десет на повеќе од 60.

Порано, само би се појавиле на денот на стартот и би учествувале. Денес, најпопуларните трки се продаваат за неколку минути, иако за учество понекогаш се плаќа и неколку илјади фунти“, вели Дидерих.

За да се справат со сѐ поголема бројка пријавени, некои од најпопуларните трки на светот, како Ултратрејл де Мон Блан, воведоа систем на лотарија.

На стартот на Ултратрејл де Мон Блан, долг 170 километри, лани се појавиле 2.300 тркачи (Фото: Гети)

Луѓето почнаа да ги гледаат маратоните како нешто што е поостварливо, а во човечкиот дух е секогаш да бара нешто повеќе, да се форсира до крајни граници“, вели Мелиса Мартинес, која организира трки во Калифорнија.

Иако тркачите често зборуваат за болка и за пронаоѓање на нивните граници, ултрамаратонецот Ник Мид вели дека овие трки му даваат едно повисоко чувство од маратоните.

Првиот пат кога трчав, трката ме доведе до точка кога веќе не можев да поднесам, но кога ја пробив таа бариера, ме крена бран на еуфорија. Тоа беше чувство што никогаш порано не сум го искусил, тоа беше духовно чувство“, кажа Мид.

Ова чувство слично го опишува и легендарниот тркач Скот Џурек.

Колку подолго трчаш, повеќе сфаќаш дека она што го бркаш е состојба на умот, место кадешто ти се губат сите грижи и ги чувствуваш убавината на бесконечноста на универзумот и сегашноста на моментот“.

Докажано е дека еуфоријата што се создава при трчањето помага против стрес и депресија, но колку е навистина добро за телото да се трча толку долго, понекогаш и цела ноќ, по секаков терен.

Не постои добар доказ дека ултрамаратонското трчање има негативни долгорочни последици по здравјето“, вели Мартин Хофман, професор по физикална медицина на Калифорнискиот универзитет.