Мандолинскиот оркестар „Скопје” ќе одржи еко-концерт во Детскиот дом „11 октомври“ во Скопје денеска (18 февруари) од 11 часот. Ќе диригира маестро Ерхан Шукри. Концертот под мотото, „Со музика за почиста животна средина“ се одржува по повод Светскиот ден на батеријата и е во соработка со здружението „Нула отпад“.
Децата и персоналот од Домот место влезница треба да донесат една стара батерија. Ќе се свират дела од Бах, Бранѓолица, Мандонико и други.
„Ова ни е прва соработка со Домот ’11 Октомври’ и е иницијатива која ја имав одамна. Целта ни е кај децата да ја развиеме еко-свеста и затоа концертот се одржува на Меѓународниот ден на батеријата. Ќе се потрудиме на децата низ музика и интеракција со нив да им ја доближиме музиката на еден мандолински оркестар и да им биде забавно. Во иднина, планираме да одржуваме повеќе концерти со хуманитарен караткер“, ни рече диригентот Шукри.
И претходните годишни концерти на мандолинскиот оркестар „Скопје“ во Скопје и Битола беа со еколошка порака. На влезот, место билет, публиката носеше отпад.
Оркестарот годинава одбележува 25 години постоење. Ерхан Шукри вели дека оркестарот ќе се засили со нови, млади членови, кои ќе се подготвуваат за настапи на европски фестивали.
М. ЏАРОВСКА