Се забележува тренд на враќање на децата и родителите во кино по периодот на стагнација, велат од скопското кино Синеплекс, презентирајќи ги бројките за гледаноста во изминатата година и насловите во 2026. Оттаму се задоволни што по три години пауза, по „Те дуа жими мене“ од Марјан Гавриловски, македонскиот филм повторно е во топ-10 листата, со „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски.
„’Диџеј Ахмет’ е еден од најгледаните македонски филмови во Синеплекс, кој остана на репертоарот во текот на јануари и февруари. Меѓу македонските филмови најгледани се и анимираниот ‘Биби и Боби’ и ‘Утре наутро’ на Јани Бојаџи“ и ‘К-15: Од другата страна‘“, велат од киното.
За разлика од 2024, кога доминираа блокбастери и „Марвел“, лани првите две позиции ги зазедоа анимирани филмови: „Лило и Стич“ и „Мајнкрафт“. Хрватскиот филм „Свадба“ на Игор Сереги го собори рекордот на „Јужен ветар“ за помалку од 10 дена, достигнувајќи над 25,000 гледачи во Синепелс, а 35.000 низ цела Македонија.
За 2026 се најавуваат наслови како „Одисеј“ на Кристофер Нолан, „Мајкл“ за Мајкл Џексон, „Ѓаволот носи Прада 2“, „Disclosure Day“ на Стивен Спилберг и „Приказна за играчките 5“. Од киното велат дека од 12 март ќе игра „Уште една игра“, независен македонски филм во режија на Ник Јансен од Холандија, со Тони Михајловски, Ведран Чешарек и Петар Маниќ во главните улоги.
„Филмот претставува современа тинејџерска драма што ги обработува светот на гејмањето и предизвиците со кои се соочува едно конзервативно општество“, вели Симон Шоклевски од киното.
Б. НЕСТОРОСКА