Најсветското издание на „Златна бубамара на популарноста“ се одржа вчера (26 февруари) во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Цела сала беше на нозе на настапот на легендарната британска соул, фанк и диско група „Делегејшн“ и американската соул ѕвезда Марта Хај, која 34 години му беше придружен вокал на Џејмс Браун.

Енергичната Марта Хај (81) го испеа токму најголемиот хит на Џејмс Браун „Се чувствувам добро“ (I Feel Good), а ја придружуваше талентираната Ана Петановска.

Ова беше најкусото и музички најбогато издание на популарното шоу, кое традиционално се одржа во полна сала, со музика за сечиј вкус, во која сите уживаа.

Од млади таленти, како струмичанката Тина Русева, која живее во Германија, а победи на шоуто „Гласот на Европа“, до Рик Бејли, кој во 1976 ја основал групата „Делегејшн“. На британските легенди, наградата им ја додели гитаристот Владимир Четкар, кој, пак, доби награда за најпопуларен џез музичар.

Фалеше Сашко Коцев, кој поради претходно договорено снимање во Србија не успеа да стаса да го води шоуто, но не недостасуваше хумор, зашто тука беа Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски.
„Вечерва ќе зборуваме само за убави работи, како што сака премиерот. Ќе зборуваме за Марјана Станојковска, за Вера Мештеровиќ“, рече актерското дуо.

„Откако го измислија ‘Безбеден град’ јас јавам коњ низ Скопје. Не може да оди повеќе од 50 брзина, но ако го впрегнам, може и до 73“, рече Атанасовски.

Настапи и фолк-пејачот Круме Спасовски и доби награда за трајни вредности, а младиот пејач Влатко Миладиновски прими награда за најдобар фолк концерт. Награда за хит на годината добија Слаткаристика и Калиопи за дуетот „Води ме“.

И на нивниот настап целата публика беше на нозе. Богат сценски настап со танчари имаше и Тони Зен, кој исто така доби награда. Владо Јаневски ја промовираше новата песна, а го најави хрватската колешка Весна Писаровиќ, со која пред 18 години сними дует.

„Бубамара“ донесе и легенда од ексјугословенската поп-рок сцена, па Дражен Жериќ-Жера во име на групата „Црвена јабука“, која слави 40 години кариера, доби награда за трајни вредности. Награда доби и српската поп-пејачка Александра Радовиќ, која настапи со свој хит. Пееше и новата регионална поп-ѕвезда Јаков Јозиновиќ и доби награда за откритие на годината.

Најпопуларна претстава е „Пар-распар“ на Театар Комедија, најпопуларна млада актерка е Нина Елсезер, актер Тони Денковски, а Снежана Коневска-Руси доби награда за животно дело и се пошегува дека никогаш не пораснала.

Кошаркарот Владо Илиевски беше бурно пречекан, а наградата за спортска легенда им ја посвети на двајца струмичани, неговиот татко и претседателот Борис Трајковски, кој загина на 26 февруари 2004. Наградата за трајни вредности на музичарот Дамир Имери му ја додели Влатко Стефановски, а неговиот син, пијанистот Дино Имери, отсвире негово дело.

Најемотивниот дел од шоуто беше кога Игор Џамбазов им оддаде почит на сите кои починаа во изминатата година, а меѓу нив и членови на бендот „ДНК“, кои беа редовни гости на „Бубамара“. На крајот, Џамбазов ја испеа „Не пијам“ од Константин Миладинов со блуз музика, во придружба на гитаристот Гуру Харе.

Сопственикот на радио „Бубамара“, сценаристот и организатор на шоуто Ранко Петровиќ, на почетокот најави дека ова ќе биде најголемата соул и диско забава досега и беше во право.

Ова беше едно од најдобрите изданија на шоуто, а се одржа под мотото „Апсолутна власт, апсолутна забава“.

М. ЏАРОВСКА