ЗАЕДНИЧКИОТ КОНЦЕРТ НА БЕНДОТ НА ЈОРДАН КОСТОВ И ХОРОТ „СВ. ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА“ ОБЈАВЕН НА ПЛОЧА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Kонцертот „Maglota Live“, што секстетот на Јордан Костов и хорот „Св. Злата Мегленска“ го одржаа во Филхармонијата на 30 јуни 2025, доби свое винилно издание. Плочата ќе биде промовирана на 3 март од 19 часот во „Аудиокултура“ во Скопје, кога првпат ќе може да се слушне.

„‘Maglota Live‘ не е обичен концертен запис, туку звучен документ на еден комплексен, колективен и длабоко интегративен музички чин. Во оваа изведба се сретнуваат секстетот ‘Маглота‘ на Јордан Костов и хорот „Св. Злата Мегленска“, под диригентската палка на Летка Димовска-Полизова, создавајќи густ, слоевит и постојано променлив звучен пејзаж, во кој се преплетуваат различни културни традиции, инструментални практики и вокални текстури“, објави „АКСИОМА“, која е издавач на плочата.

„Маглота“ има меѓународна постава составена од музичари од Виетнам, Кина, Бразил и Русија, кои притоа не ги претставуваат сопствените традиции, туку создаваат заеднички импровизаторски јазик.