ГИТАРИСТОТ ВО БЕНДОТ НА ДАЦ И АЛЕКСАНДАР ЈА ЗАПРОСИ ДЕВОЈКА МУ НА ВЕСЕЛИОТ КОНЦЕРТ НА ДУОТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Гитаристот во бендот на Дац и Александар, Иван, ја побара за жена неговата девојка, младата поп-пејачка Тијана Периќ на концертот на дуото во Македонскиот народен театар.

„Знаев дека ќе се облечеш во црвено. Сега ја добиваш главната награда. Те молам, замижи“, ѝ рече актерот Драган Спасов-Дац на девојката која претходно ја донесе од публиката на сцената.

„Вечерва победи љубовта“, рече композиторот Александар Митевски, кога гитаристот го покажа прстенот, а девојката се согласи да се омажи за него.

Публиката беше на нозе во поголемиот дел од концертот (Фото: К. Попов)

Ова беше дел од изненадувањата на веселиот и романтичен концерт на дуото насловен „Дамите бираат“ по повод 8 Март. Концертот почна со женската верзија на хитот „Уште ми фалиш“ на видеобим, а оваа песна, како и хитовите „Корона чао“, „Љуби ме“ и „Четири страни“, ја кренаа публиката на нозе. Концертот имаше интересно сценарио од почеток до крај. Беше и концерт и претстава во едно. На крајот, сопругите на Дац и на Александар излегоа на сцената на бисот.

Дејан Николоски- Чуле од групата „Дрим тим“ ја испеа „Црвени рози за вас мадам“ од Томислав Маниќ (Фото: К. Попов)

Дејан Николоски-Чуле, пејачот во бендот „Дрим тим“, беше првиот гостин, а публиката се воодушеви кога на сцената излезе Росана Сариќ-Тодоровска и го испеа евергринот „Признавам“. Со своите 80 години, Виолета Томовска одлично изгледа и пее, а таа беше уште едно изненадување со нејзиниот евергрин „Молитва“. Дел од гостите беше и Билјана Ѓошева, која заедно со Ана Костадиновска ги пееше придружните вокали. На бисот излезе и директорот на МНТ, Никола Кимовски и свиреше тапани на „Уште ми фалиш“. Гости беа и децата од хорот на „Златно славејче“.

Виолета Томовска настапи како гостинка, а концертот го следеше од ложата со ќерка ѝ Невенка (Фото: К. Попов)

„Сето ова започна кога ние двајца на една забава се грабавме за микрофон. Тогаш Григор Копров ни рече дека треба да снимиме наша авторска песна и така настана ‘Цреши охридски’. Ја испеавме на фестивалот Охридски трубадури и го освоивме второто место. И на Макфест со ‘Уште ми фалиш’ бевме втори. Второ место не се мести“, рече Дац.

Продуцентот Александар Митевски се сети на времето на короната, кога тој и Дац секоја вечер во време на полициски час снимаа по една нова обработка.

„Луѓето нѐ чекаа како серија секоја вечер во исто време“, се сети Митевски.

Хорот на „Златно славејче“ (Фото: К. Попов)

Настанот беше уникатен по многу нешта. Започна во лобито на МНТ со пијалак за добредојде, продолжи со концерт и заврши со забава во театарското лоби со Боби Јоргуш, на која Дац и Александар се сликаа со фановите. Дуото пееше главно нивни песни и неколку евергрини, засилени со бендот „Дрим тим“ и дувачи.

Билјана Ѓошева (Фото: К. Попов)

„Вистинската жена ќе те натера трипати да се вљубиш. Првпат во неа, вторпат во себеси, а третпат во животот. Кога жената би го водела светот, би ги тргнала сите оружја, освен јазикот“, рече при крајот Драган Спасов-Дац.

Вториот концерт на дуото е вечерва (7 март) на истата сцена, а закажан е уште еден, за отворањето на летната сцена на МНТ „Славиша Кајевски“ на 18 јуни.

М. ЏАРОВСКА