СТУДЕНТИТЕ ОД ФМУ СО КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА ПРОФЕСОРКАТА САРА ПРОЈКОВСКА КОЈА ЗАГИНА ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Студентите од Факултетот за музичка уметност од Скопје, утре (16 март) од 20 часот во концертната сала на ФМУ ќе одржат концерт во чест на нивната професорка Сара Пројковска која лани на 16 март загина во пожарот во Кочани.
За спомен на професорката Пројковска која пееше придружни вокали на групата „ДНК“ во Кочани, на концертот насловен „За Сара“ ќе настапат  студентите по корепетиција и практика.
На 26 март во 2025, шеесет бели балони, во знак на почит кон жртвите кои до тој ден починаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани за време на концертот на групата „ДНК“, беа пуштени од терасата на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје по комеморацијата за Сара Пројковска. Нејзините студенти ги расплакаа присутните на комеморацијата со песната „Кога те нема“ од Хелена Благне, чија музика ја напиша легендарниот композитор Кире Костов. Тој ѝ беше татко на Ана Костадиновска, сегашна професорка во средното музичко училиште, која исто така пееше придружни вокали на „ДНК“.
Утре, (16 март), во рамките на комеморативниот настан од програмата за одбележување на годишнината од трагичниот пожар во Кочани, во салата на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, ќе настапат и студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Во спомен на загинатите 63 млади луѓе, студенти на Вокално-инструменталниот оддел ќе ја изведат композицијата „Искинати нишки“, компонирана од Никола Ѓоргиев од Кочани, студент на студиската програма по Композиција на Факултетот за музичка уметност-Скопје, во класата на проф. м-р Дарија Андовска.