Мегахитот на „Нетфликс“, „К-поп ловци на демони“, освои два оскара и дополнително го зацврсти својот статус на глобален феномен. Филмот за женската поп група „Хантрикс“ која го брани светот од зли сили беше прогласен за најдобар анимиран филм, а музичкиот хит „Златна“ (Golden) доби Оскар за најдобра оригинална песна.
Канадско-корејската режисерка Меги Канг кажа дека е горда што создала филм кој ги претставува Корејците.

„Многу ми е жал што ни требаше толку долго за да нè видите во ваков филм. Но, сега е тука. А, тоа значи дека следните генерации нема да мора да копнеат. Ова е за Кореја и за Корејците насекаде“, рече Канг.
Пејачките зад песните од филмот Одри Нуна, Еџе и Реи Ами ја изведоа „Златна“ на церемонијата на доделувањето, давајќи му уште едно големо признание на корејскиот поп, кој во изминатите години го освои светот.
„Растејќи, луѓето ми се потсмеваа затоа што ми се допаѓаше К-поп. Сега сите ја пеат нашата песна, и тоа сосе стиховите на корејски. Многу сум горда. Сфаќам дека оваа награда не е за успех. Станува збор за отпорност“, изјави Еџе, една од авторките на „Златна“.
(Фото: АП)