Со песната „Бранови“ (Waves), која ја напиша композиторот Ангел Спироски, дуото „Дениција“ го најави првиот албум насловен „ДоМа“. Членови на дуото се Анастасија Милеска и Александар Андријевски.
На албумот има шест дела за гитара од современи македонски композитори: Дарија Андовска, Панде Шахов, Ана Пандевска, Вања Ѓумар Николовски, Филип Иванов и Ангел Спироски. Од дуото „Дениција“ велат дека тие ги нарачале композициите, кои се специјално напишани за нивниот изведувачки состав.
„Ваквите иницијативи се особено значајни за развојот и видливоста на современата македонска музика, поттикнувајќи ново творештво и продлабочена соработка помеѓу композиторите и изведувачите. Песната ‘Бранови’ е инспирирана од Охридското Езеро, а во поширока смисла, и од народната песна ‘Ој ти момче охриѓанче’. Композицијата ја истражува идејата за копнеж како внатрешна состојба, пренесена преку менливи звучни бои и текстури што асоцираат на постојаното движење на водата“, вели авторот Ангел Спироски
Дигиталното издание на албумот „ДоМа“ ќе биде достапно на сите стриминг платформи од 26 март, додека физичките копии ќе бидат достапни од средината на април.
Македонското гитарско дуо во септември 2024 настапи во шведскиот парламент во Стокхолм на прославата по повод Денот на независноста.