Со својот спонтан настап и препознатлив шарм, Тања Кочовска ја насмеа публиката на „Глумците пеат“ во Македонскиот народен театар (МНТ). Следејќи го шоуто од страничната ложа, Кочовска се прекачи на сцената и им се придружи на младите актери во песната „Љубов“, која таа ја испеа на Макфест во 1991, заедно со сестра ѝ Лидија Кочовска, Игор Џамбазов и Џон Илија Апелгрен.

„Во 1991 јас бев во публиката на Макфест во Штип и ја гледав Тања Кочовска. Сега дојде време таа нас да нѐ гледа од публика“, рече актерката Сања Арсовска, по што Кочовска ѝ довикна дека ќе им помогне.
Сосема спонтано, таа се прекачи од ложата и пак ја слушнавме со овој хит по 35 години.
Повеќето од актерите-учесници се појавија на сцената со пораки како „8 милиони луѓе умираат годишно од воздухот што го дишеме“, „Милиони деца растат без можност за образование“, „Тишината е насилство“.

Ова е еден од моментите од веселото и богато шоу со македонски хитови, во режија на Дејан Пројковски, кое го гледавме вчера (24 март).

Весна Петрушевска беше одлична во нејзината омилена „Штом се сака“, Рубенс Муратовски настапи со своите синови, Емилија Мицевска, која е бремена, испеа хит од Верица Ристевска, одлилчен квартет во хит на Калиопи беа Гордана Ендровска, Катерина Илиевска, Калина Наумовска и Билјана Драгичевиќ-Пројковска, а Горан Ников и Марина Поп-Панкова беа шармантен дует со песна од Симеон Гугуловски.

Стефан Спасов во „Баба Зумбула“ се качи на страничната ложа, а Наталија Теодосиева се сети на стар хит од Ноне Неделковска, „Лесно ко два и два“ и ја развесели публиката, имитирајќи го симпатичниот акцент на пејачката од Велес.

Секоја песна беше шоу за себе и секој од актерите кој се појави на сцената во својата точка или во придружна доби заслужен аплауз.

Пееја Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска, Катерина Јовановиќ, Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Петар Горко, Сања Арсовска, Катерина Илиевска-Силјановска, Калина Наумовска, Марина Поп-Панкова, Слаѓана Вујошевиќ, Маја Андоновска-Илијевски, Гордана Ендровска, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева-Велиќ, Нина Деан, Наталија Теодосиева, Тина Трпкоска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Антонио Ташковски и Горан Ников.

Актерите ги придружуваше голем оркестар, со кој диригираше маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска. Придружни вокали пееја Ана Костадиновска и Теа Богатинова.

На крајот, публиката беше на нозе и со аплауз се сети на познатиот актер Марин Бабиќ, кој во 1993 за првпат го организираше ова шоу. Неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ го вратија на сцената во 2023.

„Глумците пеат“ ќе има уште една претстава вечерва (25 март) во МНТ од 20 часот.
М. ЏАРОВСКА