Оркестарот „Дива“ ја воодушеви публиката во Центарот за култура во Битола со одличната изведба на мјузиклот „Фреди кралот“, посветен на легендарниот музичар Фреди Меркјури и групата „Квин“. Целата публика беше на нозе на крајот од претставата и со овации ги поздрави учесниците.
Мјузиклот е инспириран од животот, харизмата и безвременската музика на Фреди Меркјури. Публиката даде голем аплауз за проектот, кој беше вистинско музичко-сценско доживување.

Сценариото за мјузиклот е на Димитар Захариевски, а режијата на Бојан Стојков, кој го игра Фреди. Идејата и продукцијата се на Владимир Димовски, диригентот на оркестарот.

Впечатливи улоги имаа и останатите учесници на сцената, Теона Крстеска, Никола Стефанов, Никола Пројчевски и оркестарот, кои со својата изведба успеаја да ја доловат не само музиката, туку и уникатната сценска појава на „Квин“.

Оркестарот „Дива“ уште еднаш покажа дека создава проекти кои внесуваат нова свежина на сцената. Бојан Стојков, заедно со оркестарот и со колегите, одлично ги испеа најголемите хитови на „Квин“ со кои растеа многу генерации.
Ж. ЗДРАВКОВСКА