„Луѓе-сенки“ е третиот трилер роман на спортскиот новинар и писател Сашо Кузмановски, што ќе биде промовиран денеска (6 април) од 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје во рамките на третото издание на фестивалот „Видик“. Промоторка на романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
„Луѓе-сенки“ се најавува како завршниот дел од трилогијата на Кузмановски, по „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“. По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од музејот на пари при Народната банка на Македонија и мистериозното убиство на локалитетот Стоби, инспекторот за крвни деликти Јован Ингилизов-Џовани се соочува со најсложениот предизвик во својата кариера – неразрешениот атентат врз претседателот на државата, што се случил пред 13 години.
Романот претставува историска фикција, инспирирана од реални настани од нашето колективно минато, врз кои авторот ја гради својата препознатлива наративна структура.