Здравко Чолиќ ќе одржи концерт во Битола на 1 август на стадионот „Петар Милошевски“, објави „Авалон“. Најголемата регионална поп-ѕвезда доаѓа во Битола по пет распродадени концерти во „Зетра“ во Сараево и пет во белградската арена.
Чолиќ со симфониски оркестар одржа три концерти во салата „Борис Трајковски” во Скопје минатата година. Во Битола ќе ги пее најголемите хитови со својот бенд.
Со една од песните со кои стана славен, „Сношти не беше тука“ (Sinoć nisi bila tu), Здравко Чолиќ го почна првиот од трите концерти во Скопје лани. Истата песна ја испеал во 1972 со голем орекстар на фестивалот Вашиот шлагер на сезоната во неговото родно Сараево. Таа година пеел и на Скопскиот фестивал со песната „Мојата болка“ (Мој бол). Чола важи за човек со одлична меморија, па на почетокот на концертот го поврза споменот од Скопје со почетната песна.
„Се сеќавам колку ми беше убаво на Скопскиот фестивал во 1972 во Домот на ЈНА“, рече Чолиќ.
Фото: К. Попов