ДИРИГЕНТОТ НА БИТОЛСКИОТ ОРКЕСТАР „ДИВА“ ВЛАДИМИР ДИМОВСКИ ЌЕ ПЕЕ СТАРА ДЕТСКА ПЕСНА НА КОНЦЕРТОТ „30 ГОДИНИ СИ-ДО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Диригентот на Битолскиот оркестар „Дива“ Владимир Димовски ќе настапи денеска (7 мај) на концертот со хитовите од детскиот фестивал „СИ-До“, што ќе се одржи во Центарот за култура во Битола. Со концертот ќе се одбележат 30 години постоење на детскиот фестивал.

Владимир Димовски денес работи како диригент, продуцент и аранжер и е основач на Камерниот оркестар на Битола.

Тој вели оти малкумина знаат дека тој во 1995 ја испеал песната „Кети, Кети“ на детскиот фестивал „СИ-ДО“, која остана дел од музичките спомени на една генерација. Димовски веќе не настапува како пејач и вели дека со повторно пеење на Кети, Кети“ по толку години ќе се потсети дека зад секоја голема музичка приказна стојат спомени и песни кои никогаш не се забораваат.

На концертот ќе настапат оригиналните пејачи, кои повторно ќе ги отпеат хитовите со кои многумина пораснаа.

Овој настан доаѓа во период кога „Дива“ има активна концертна сезона. На 1 мај во Охрид одржа концерт со хитовите на „Ем-Ти-Ви“, а на 13 мај во МКЦ во Скопје е концертот „Индустриска симфонија“ (Industrial Symphony), алтернативен музички проект со песни од „Продиџи“, „Рамштајн“, „Кемикал брадерс“ и други.