ДРЖАВНОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ ОД БИТОЛА ОДРЖА МАГИЧЕН ГОДИШЕН КОНЦЕРТ СО 200 ИЗВЕДУВАЧИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Над 200 изведувачи приредија музичка вечер за паметење на годишниот концерт што Државното музичко училиште (ДМУ) од Битола го одржа во Центарот за култура. Настапија учениците, оркестрите, солистите, бендот и хоровите од основното и средното музичко образование, покажувајќи дека уметноста живее силно низ младите генерации.

(Фото: СМАРТ СДК..МК)

Публиката уживаше во врвни изведби на дела од Моцарт, Вивалди и Пјацола, како и во впечатливи сценски настапи и изведби инспирирани од македонската традиција. По одличните настапи на Дувачкиот и Гудачкиот оркестар, една од атракциите беше изведбата на Моцартовиот концерт за две пијана и оркестар во аранжман на проф. Вангел Мажевски и солисти од клавирската класа на ДМУ. Овој дел од концертот кулминираше со одличната изведба на „Либертанго“ за секстет хармоники и оркестар.

Следуваше маестрален перформанс од класата по соло пеење, по што учениците од Традицискиот оддел блеснаа на сцената, потенцирајќи ја убавината на изворната македонска музика. Потоа настапија хорот на Основното музичко училиште и хорот и бендот на Средното музичко училиште, носејќи го концертот до величествена завршница со композицијата „Let the Sunshine In“.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Државното музичко училиште традиционално го организира овој концерт, кој со години претставува еден од најзначајните музички настани во градот. Особено радува фактот што секоја наредна година интересот за концертот е сè поголем, а квалитетот на изведбите се издигнува на уште повисоко ниво, потврдувајќи ја сериозната и посветена работа на училиштето“, рече директорката Марија Шамоска-Буџаковски.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

Ж. ЗДРАВКОВСКА