СО УШТЕ ЕДНА АФРИКАНСКА ВЕЧЕР СЕ ЗАТВОРА 25. ИЗДАНИЕ НА ОФФ-ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Јубилејното 25. издание на Офф-фест се затвора вечерва (6 јуни) со два концерта во Младинскиот културен центар во Скопје. Како што почна, така и завршува: со африканска вечер.

Од 22 часот настапува Мачуме Занго, мајсторот на тимбила, односно традиционален дрвен ксилофон. Неговиот аудиовизуелен концерт е насловен „The Native Practices of Mozambique“ и содржи обновена верзија на песни, танци и ритуали на Банту народите од Мозамбик. Проектот се реализираше во 2023 година и вклучува аудиовизуелни материјали од културните традиции на три етнички групи во Мозамбик: Макуа, Нијау и Чопе.

Групата „Завосе квинс“ од Танзанија (фото) ќе настапи од 23 часот. Таа ја продолжува долгата традиција на флуидни полиритми и занесно полифоно пеење на народот Вагого од регионот Додома во централна Танзанија.

Претходно, од 20 часот, во кино Фросина ќе се прикаже документарниот филм „Елис и Том“, посветен на бразилските пејачи Елис Реџина и Том Жобим.