ДОАЃА ЈУТЈУБ МЈУЗИК – ПРВИОТ СЕРВИС ЗА СТРИМИНГ НА МУЗИКА НА ГУГЛ

Лос Анџелес, (Верџ)

Гугл ќе се обиде да се пробие на пазар на којшто доминираат Спотифај и Дизер, покренувајќи два канала за стриминг на музика, при што ќе ја искористи огромната архива што досега ја складираше Јутјуб.

Јутјуб мјузик и Јутјуб премиум ќе бидат достапни од 22 мај и ќе нудат огромно количество на песни, албуми, обработки, ремикси, музички листи, концертни снимки и, секако, музички видеа.

Јутјуб мјузик ќе биде бесплатен, но ако сакате да ги избегнете рекламите, ќе треба да се плати 9,99 долари месечно. Премиум верзијата, што е новото име за досегашниот Јутјуб ред, ќе чини 11,99 долари месечно и ќе нуди пристап до Јутјуб мјузик и до огромната библиотека на видео-содржини.

„Јутјуб е сервис за гледање видеа, не само за музика, но тоа ќе се промени од 22 мај. Јутјуб мјузик ќе биде платформа за слушање музика, при што светот на музиката ќе може да се истражува на најлесен и најзабавен можен начин“, се вели во официјалното соопштение на компанијата.