Продолженото седење може да го зголеми ризикот од прекумерна тежина и развој на срцеви заболувања и дијабетес тип 2, велат експертите. Иако знаеме дека паузите пред екраните се добри за нас, помалку јасно е колку често треба да стануваме и да се движиме, а воедно да останеме продуктивни на работа.
Нова студија објавена од Британскиот журнал за спортска медицина покажа дека паузa од пет минути на секој час е најдобриот и најизводлив начин за подобрување на благосостојбата без губење на ефикасноста.
Водачот на ова истражување Кит Дијаз изјави дека повеќето возрасни сега поминуваат три четвртини од денот во седење кога се будни. Иако општиот совет да седите помалку и да се движите повеќе е точен, луѓето треба да знаат и во која доза.
„Добрата вест е дека петминутна пауза за прошетка на секој час е доволна за подобрување на расположението и за намалување на заморот. И луѓето го сметаа ова за реално и достижно“, рече Дијаз.
Студијата на Универзитетот Колумбија опфатила повеќе од 11.000 вработени во САД, повеќето од нив на канцелариски работни места, со смени од осум до девет часа.
Прошетка на секои половина час била корисна за расположението и го намалувала заморот, но го нарушувала работењето. Една прошетка на секои два часа била подобра од никакво одење, но истражувачите откриле дека петминутна прошетка на секој час доведува до најголемо и најизводливо подобрување на продуктивноста, расположението и будноста.
„Иако не изгледа така, паузите за движење, всушност, можат да ги зголемат работните перформанси. Тие можат да ги подобрат извршните функции, вниманието и меморијата. И им помагаат на луѓето да се чувствуваат порелаксирано и посвежо“, вели Дијаз.
Фото: К. Попов