Велес од вечерва (1 јули) до 4 јули ќе живее со звукот на народниот мелос, традицијата на народните носии и изворната песна. По 21. пат се одржува Фолклорниот фестивал. Започнува со традиционалното дефиле, кое во 19 часот тргнува од Средношколскиот ученички дом и минува по улиците на Велес, а од 20:30 часот е свеченото отворање во амфитеатарот во Младинскиот парк. Таму ќе се одржуваат сите настани, освен во случај на дожд, кога ќе се преселат во спортската сала на ОУ „Блаже Конески“.
„Ова ќе биде еден од најмасовните фестивали. Подготвивме богата програма, настапуваат десет странски ансамбли од осум држави и пет од Македонија, од кои три од Велес“, рече Томе Јаневски, претседател на организациониот одбор.
Ќе има играорци и од Полска, Србија, Италија, Бугарија, Мексико и за првпат од Костарика и Албанија. Ќе гостуваат три друштва на македонски иселеници од Австралија.
„Ова се денови кога во Велес ќе се обединат различни култури и фолклор. Ансамблите од градот анимираат голем број млади поколенија од Велес. Дојдете во Младински парк да уживаме“, порача градоначалникот на Велес, Марко Колев.
Организатори на фестивалот се ансамблот „Керамичар“, КУД „Коле Неделковски“ и Фолклорниот фестивал Вила Зора. Општина Велес го финансира фестивалот со еден милион денари, а Министерството за култура со 456.000 денари.
П. ПЕЧКОВ