ЈУБИЛЕЈНИОТ 30. ВИЖН ФЕСТИВАЛ ВО ЊУЈОРК ГО ПОТВРДИ КАКО СРЦЕ НА АВАНГАРДНИOТ ЏЕЗ

Њујорк, (СмартСДК.МК)

Јубилејното, 30. издание на Вижн фестивалот годинава се одржа во Абрамс Артс Центарот на њујоршкиот Лоуер Ист Сајд, од 22 до 28 јуни, потврдувајќи го својот статус на едно од најзначајните светски случувања посветени на авангардниот џез, слободната импровизација и интердисциплинарната уметност.

Под уметничко водство на Патриша Николсон, фестивалот понуди внимателно осмислена програма што ги обедини авангардниот џез, поезијата, современиот танц и визуелните уметности. Централно место годинава му припадна на мултиинструменталистот, композитор и педагог Џо Морис, добитник на фестивалската награда за животно дело и исклучителен придонес во развојот на фри-џезот и импровизираната музика.

Посебен сегмент од програмата беше посветен и на саксофонистот и композитор Даниел Картер – музичар со препознатлив авторски израз, извонреден импровизатор и една од клучните личности на њујоршката даунтаун сцена веќе неколку децении.

Џо Морис настапи во повеќе различни формации во текот на фестивалот: во дуо со Никол Мичел, трио со Вилијам Паркер и Метју Шип, како и во квартет, квинтет и октет со Томика Рид, Роб Браун и други истакнати музичари. Фестивалскиот омаж беше заокружен со прикажување на документарниот филм „Џо Морис биопик“ на режисерот Мајкл Лучио.

Централно место годинава му припадна на мултиинструменталистот, композитор и педагог Џо Морис, добитник на фестивалската награда за животно дело и исклучителен придонес во развојот на фри-џезот и импровизираната музика. (Фото: СДК.МК)

Меѓу највпечатливите концертни настапи се издвоија триото на басистот Лук Стјуарт, дуото на Томика Рид и Крег Тејборн, квинтетот на Ингрид Лауброк, триото на Џошуа Абрамс со Хамид Дрејк и Вилијам Паркер, како и концертот на Треј Крадап посветен на легендарниот Милфорд Грејвс, на кој настапи и извонредната Шара Лунон. Особено внимание привлече квартетот на Вилијам Хукер, проектот „Црниот октопод“ на Даниел Картер, а фестивалот кулминираше со афрофутуристичкиот концерт на 102-годишниот Маршал Ален, кој настапи со ол-стар состав во кој беа Дејв Барел, Дариус Џонс, Ендру Сирил, Вилијам Паркер и други истакнати имиња од современата џез сцена.

Покрај музичката програма, фестивалот понуди и впечатливи визуелни содржини. Особено се издвои инсталацијата „Траекторија во боја“ на Миријам Паркер, која низ интеракцијата меѓу звукот, светлината и просторот ги истражуваше границите на човечката перцепција.

И годинава Вижн фестивалот уште еднаш покажа дека претставува повеќе од музички настан – тој е простор за слободна уметничка мисла, креативен дијалог и заедништво. Со својата посветена, образована и верна публика, која со децении ја поддржува оваа уникатна фестивалска недела, фестивалот останува жив доказ дека независната импровизирана музика и понатаму има свое значајно место во културниот живот на Њујорк, и покрај постојаните урбани и општествени промени што го обликуваат градот.