„ЗА ОВА СОНУВАВМЕ ОСУМ ГОДИНИ“, ПОЛН АНТИЧКИ ТЕАТАР ЗА КОНЦЕРТОТ НА „ДУПЕР“ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Бендот „Дупер“ го наполни Античкиот театар во Охрид вчера (5 август) и одржа весел концерт пред урбана, главно млада публика од цела Македонија.

Прва гостинка беше младата пејачка Бојана Арсовска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Гитаристот Борис Какуринов и пејачот Илчо Нечовски постепено и ненаметливо го градеа патот до популарноста, почнувајќи со „Не сум твој тип“ во 2018, песна која е голем хит и денес. Осум години потоа, имаат полни концерти, прво во битолска Хераклеја на 15 јули, па сега во Античкиот театар во Охрид. Убава е сликата кога има толку интерес за концерт на македонски бенд и весели млади луѓе им ги пеат песните од почеток до крај.

На баладата „Некажано“ сите ги запалија телефоните (Фото: СМАРТ СДК.МК)

На концертот, кој го организираше продукцијата „Прагма“, имаше интересни гости. Прва излезе младата пејачка Бојана Арсовска, која им посака уште многу вакви концерти. Потоа публиката ја размрда Јанг Дади, еден од најпопуларните млади пејачи денес. Со „Дупер“ тој го има дуетот „Претера“, а ја испеа и неговата песна „5 до 2“. На публиката ѝ остана должен за хитот „Лидија“, а „Дупер“ кажаа дека ќе ја слушнат на неговиот скопски концерт. Трет гостин беше Никола Перевски-Пере од „Нокаут“. Неговата најмала ќерка, тригодишната Ирис, е голем фан на „Дупер“ и првпат го гледаше татко ѝ на концертна сцена.

Пере од „Нокаут“ ја размрда публиката со „Временска машина“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Очекувано, публиката најгласно пееше на големиот хит „Може, може, може“, а пред песната „Сладолед“, Илчо Нечовски ѝ подели сладоледи на публиката од првите редови. Во текот на целиот концерт, тој и Борис Какуринов делеа автограми на фановите.

Вресоци за Јанг Дади (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Рајот на земјата“, „Тело за на ТВ“ и баладата „Некажано“, на која целиот Антички ги запали телефоните, беа моменти што ќе се паметат од овој концерт, кој на бис заврши со „Не сум твој тип“.

„За ова работевме и сонувавме осум години. Ви благодариме што нѐ поддржувате“, ѝ рекоа „Дупер“ на публиката, која бараше да свират уште.

М. ЏАРОВСКА