„Траги и растојанија“ е насловена самостојната изложба на фотографии на Иван Блажев, што ќе се отвори утре (10 септември) во 20 часот на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Проектот е резултат на повеќегодишен процес на истражување, консултации и креативно обликување. Ќе бидат изложени педесетина фотографии снимени од 2006 до 2024.
„‘Траги и растојанија‘ е фотографско истражување на меморијата, имагинацијата, родителството и неуловливите траги што ги остава времето. Наместо да го документира минатото како нешто фиксно, изложбата навлегува во неизвесниот простор меѓу она што навистина се случило, она што го паметиме и она што можеби сме го замислиле. Обединувајќи фотографии создадени во текот на осумнаесет години со лични фотографии од ќерката на авторот, делото се развива без хронологија, имиња или датуми. Фотографиите се движат меѓу личното и универзалното, меѓу семејното сеќавање и искуствата од различни места и моменти и во суштина е помалку семеен албум, а повеќе пејзаж на внатрешното искуство“, се вели во најавата на изложбата.