Со концерт на 25 септември од 20 часот, во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци ќе бидат одбележани 50 години од смртта на Никола Бадев, еден од најпознатите пејачи на македонската народна песна. На концертот ќе настапат Виолета Томовска, Ленче и Горан Кукиќ, Нино Величковски, Мишко Крстевски, Марјан Коцев и Сузана Бадева, како и оркестарот „Никола Бадев“ при Здружението на пензионери од Кавадарци и Перо Пењушков.
Настанот го организира Општина Кавадарци, а влезот е бесплатен.
Никола Бадев е роден во 1918 во кавадаречкото село Глишиќ, а почина на 25 септември 1976. Кариерата ја градеше како пејач и инструменталист на тамбура и беше член на Народниот оркестар на Радио Скопје, а подоцна и негов раководител. За Радио Скопје снимил над 500 македонски народни песни.
Меѓу песните по кои остана запаметен се „Параходот ми пристигна“, „Збогум, мајко, јас отидов“, „Сечи, моме, руси коси“ и „Тешка беше нашата разделба“.