Претставата „Смрт на погребот“, во режија на Ненад Витанов, вечерва (23 септември) ќе го отвори меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија во Куманово.
Ова е црна комедија во која играат Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска-Величковски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Трајковиќ, Никица Јанковски и Мирослав Петковиќ.
Деновите на комедија ќе траат до 5 октомври, а публиката ќе види 11 претстави од домашни и странски театри.
„За првпат, фестивалот ќе го отвори Кумановскиот театар, со премиерата на ‘Смрт на погребот’, а ќе го затвори нашата претстава ‘Не можам да платам, не сакам да платам’. Оваа година ќе се натпреваруваат 10 претстави. Ќе имаме гости од Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Бугарија, а од домашните театри учествуваат Театар Комедија, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Штипскиот и Битолскиот театар“, вели директорката на Центарот за култура, Јоана Серафимовска.
На програмата се претставите „39 скалила“ на Народно позориште од Источно Сараево, „Болва во уво“ на Драмски театар од Скопје, „Покондирена тиква“ на Народно позориште од Приштина, „Кљукана династија“ на Народно позориште од Ниш, „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија, „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар, „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје, „Аматери“ на Театар Комедија и „Секстет“ на Битолскиот театар. Сите претстави ќе се играат на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, со почеток во 20 часот.
И оваа година, на затворањето ќе бидат доделени наградите за најдобар актер, актерка, претстава, режија, сценографија и костимографија, како и награда за најмлад актер.
Признанието „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност ќе му биде доделено на Игор Џамбазов.
„Неговата исклучителна актерска дарба, неповторливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставија неизбришлива трага кај публиката и заслужено го вбројуваат меѓу најголемите имиња на македонската комедија“, беше соопштено од фестивалот.
Фестивалот оваа година е поддржан од Министерството за култура и туризам со 800.000 денари и од Општина Куманово со 400.000 денари, како и од повеќе спонзори. Се одржува по 29. пат и станува збор за најпосетената културна манифестација во градот, за која секоја година се бара место повеќе.
С. НИКОЛИЌ