Новиот филм на Том Круз, „Дигер“, имаше едно од најлошите отворања во кариерата на холивудската ѕвезда и би можел да донесе загуба од околу 150 милиони долари.
Филмот на оскаровецот Алехандро Гонзалес Ињариту заработи само 20 милиони долари во светот во првиот викенд од прикажувањето. Од нив, осум милиони се заработени во Америка, а 12 милиони на 74 меѓународни пазари.
Станува збор за слаб почеток за продукција која чинела најмалку 125 милиони долари, додека според некои проценки, буџетот достигнал 150 милиони. Дополнително, за маркетинг биле потрошени околу 100 милиони долари.
Во сатиричниот филм, Круз го игра Дигер Роквел, ексцентричен нафтен магнат кој се соочува со последиците од еколошка катастрофа предизвикана од неговата компанија. Во актерската екипа се и Риз Ахмед, Џон Гудман и Мајкл Стулбарг.
„Дигер“ доби претежно лоши критики, откако претходно беше најавуван и како можен кандидат во претстојната сезона на филмски награди.
Круз (64), кој во последната деценија главно снимаше големи акциони хитови, како серијалот „Невозможна мисија“ и „Топ ган: Маверик“, немал ваков голем неуспех на киноблагајните од „Мумијата“ во 2017.
(Фото: АП)