Во центарот на Тирана, Албанија, ќе се гради необична зграда во облик на облак, која ќе биде издигната над јавен парк на тенки столбови. Проектот наречен „Tirana Fountain Plaza“ е дело на данското архитектонско студио „Бјарке Ингелс груп“ (BIG), кое победи на меѓународен конкурс за уредување на просторот покрај паркот Ринија.
Зградата ќе биде висока околу 78 метри, а нејзината препознатлива форма ќе ја создаваат бели кружни елементи распоредени околу стаклената фасада. Во комплексот се предвидени станови, канцеларии, хотел, библиотека и културни содржини.

Наместо да го заземе постојниот зелен простор, најголемиот дел од зградата ќе биде издигнат на столбови, со што под неа ќе се оформат градини, пешачки патеки, места за одмор и јавни простори за културни настани.
Една од најнеобичните карактеристики на проектот е превртената фонтана, од која водата ќе паѓа од долниот дел на зградата кон паркот, создавајќи впечаток на дожд.
Проектот има и еколошка компонента. Предвиден е систем за собирање, складирање и повторно користење на дождовницата за наводнување на зеленилото. На тој начин треба да се намали ризикот од поплавување и да се создаде попријатна микроклима во паркот во текот на летните месеци.
Во проектот е предвидено да се зачува и постојната фонтана, а новите зелени површини да го поврзат паркот Ринија со реката Лана.
Тирана во последните години привлекува голем број светски архитектонски студија, кои работат на проекти за преобразба на градот. Меѓу нив е и холандското студио MVRDV, кое ја реконструираше познатата Пирамида во Тирана и ја претвори во културен и образовен центар.
Проектот „Tirana Fountain Plaza“ засега е во фаза на архитектонско решение, а датумот за почеток на изградбата сè уште не е објавен.
Фото: Дритаре.нет