Компанијата „Аутентик брендс груп“, која ги поседува правата на музиката на Елвис Присли, ја тужи компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“, обвинувајќи ја дека без дозвола користела 274 песни на легендарниот пејач за обука на својот ВИ модел „Клод“.
Во тужбата се бара отштета до 150.000 долари за секоја песна, односно вкупно околу 41 милион долари.
„Овие песни се меѓу највлијателните и најтрајни музички композиции во историјата“, се наведува во тужбата.
Од „Антропик“ ги отфрлаат обвинувањата и најавуваат дека ќе се бранат пред суд.
Ова не е прва тужба против компанијата поради авторски права. Против неа веќе се водат постапки покренати од музичките компании „Резервоар“ и „Јуниверзал мјузик груп“. Минатата година, „Антропик“ се согласи да плати 1,5 милијарди долари во спогодба со автори кои тврдеа дека нивните дела биле незаконски користени за обука на вештачка интелигенција.