АДРИЈАНА АРЛЕН ПРИРЕДИ ВРВНО АУДИО-ВИЗУЕЛНО ДОЖИВУВАЊЕ СО КОНЦЕРТОТ СО ОБРАБОТКИ НА КЛАСИЧНА МУЗИКА ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Концертот на Адријана Арлен со класична музика во современа обработка беше аудио-визуелно доживување кое ја освои публиката во Велес. Таа ги спои класичната музика, современиот звук и визуелната уметност. Велешанката која 20 години работи и живее во Малме, Шведска, приреди вечер за помнење, во која класичната музика беше отсвирена со современи аранжмани и електронски звуци.

Првиот дел од концертот беше со нејзини преработки на популарни класични дела од Бетовен, Шопен и Рахмањинов. Во овој дел таа настапи со балетското студио „Анабела“ од Велес.

Арлен во Велес ја почна првата турнеја низ Македонија (Фото: СМАРТ СДК.МК)

По ова следеше двесетминутен блок со настап на саксофонистот Љупчо Станковски од Скопје, со кого заедно учеле во средно и на академија. Тој на сцената излезе на мотор. Свиреше познати светски поп хитови од 1990-тите во диско верзија. Тоа ја раздвижи публиката во салата на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, каде што се одржа концертот.

По него следеше настапот на Арлен со битолскиот камерен оркестар „ДИВА“, со кој диригираше Владимир Димовски. Заеднички исполнија седум нумери, дел и филмски теми. За крај на овој блок ги свиреа безвременската музичка тема од „Кум 2“, „Speak Softly Love“ и баладата „За Аделина“ од Пол Де Сеневил. Последниот блок беше изведба на авторски музички теми од Арлен, со помош на велешкиот диџеј Зорбитал.

Саксофонистот Љупчо Станковски беше гостин на концертот (Фоѕо: СМАРТ СДК.МК)

Концертот беше со многу инвентивен пристап и современа технологија, празник за очи и уши, впечатилива сценска изведба. Во најавата на концертот таа порача:

„Луѓето не знаат на што доаѓаат, а од друга страна, на крај ќе се воодушеват од тоа што ќе го слушнат и видат. На тие што не дошле, кога ќе дознаат како било, ќе им биде криво“, рече Арлен.

Режисер на концертот беше велешанецот Димитар Оровчанец, автор на играниот филм „Убиј ги прво децата“.

На концертот во Велес Арлен свиреше на клавирот „Естонија“, на кој почнала да музицира во 1995 во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, каде што го посетувала основното образование. Адријана почнала да свири на 11-годишна возраст. Завршила средно музичко образование и Музичка академија во Скопје, а магистрирала во Малме. Денес живее и работи таму како професорка по клавир во музичко училиште. Има богата дискографија, со пет цедиња и бројни видеоспотови.

Со овој концерт Адријана ја започна нејзината концертна турнеја „Сребрена ноќ 2026“, која продолжува во Битола на 12 ноември, Штип на 14 ноември и во Скопје на 7 декември во Филхармонијата.

П. ПЕЧКОВ