АНТОНИА ГИГОВСКА И „СИНТЕЗИС“ ЌЕ БИДАТ ГОСТИ НА КОНЦЕРТОТ НА „НЕКСТ ТАЈМ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Антониа Гиговска и групата „Синтезис“ ќе бидат гости на големиот концерт на „Некст тајм“ на 27 ноември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Ова го најавија браќата Стефан и Мартин Филиповски на денешната прес-конференција, на која ја промовираа и новата песна „Години“.

„Сакаме да ѝ дадеме шанса на млада пејачка. Мислам дека во моментов нема подобар млад женски вокал од Антониа. Ќе испееме една наша песна во дует и верувам дека ќе звучи уште поубаво. Многу ги почитуваме ‘Синтезис’ и сакаме да ги видиме почесто на македонската музичка сцена. Затоа ни е особено драго што ќе бидат дел од нашиот концерт“, рече Стефан Филиповски, пејачот на дуото.

На концертот, „Некст тајм“ ќе ги свират своите поп-рок хитови и преработки на македонски народни песни во нови аранжмани, што ги подготвија со композиторот Николче Мицевски.

„Сакаме да понудиме нешто поразлично. Концертите кај нас најчесто се сведуваат на пеење песни, а ние сакаме нашиот концерт да изгледа како театар, како спектакл“, рече Мартин Филиповски.

Мицевски, кој со браќата соработува од 2014 година, најави дека ќе има и песни што досега не ги изведувале на концерти, како и спој на поп и етно-музиката.

Новата песна „Години“ е со музика на „Некст тајм“, а текстот го напишаа Стефан Филиповски, Магдалена Цветкоска-Ена и Лазар Цветкоски, кој ги направи аранжманот, миксот и мастерингот. Спотот е во режија на „Стедифлоу“. а во него се појавува моделот Мартина Михајловска.

„Ова е нашата најпозитивна песна досега. По ‘Ме остави сам да живеам’ и ‘Рамо за плачење’, ни требаше песна со поинаква приказна. Со ‘Години’ сакаме да понудиме свеж звук“, рече Стефан Филиповски.

Концертот го организира продукцијата „Прагма“, чиј сопственик Кристијан Стефановски потсети дека соработката со „Некст тајм“ започнала во 2008 година, кога и тие започнувале со менаџерската работа.

„Многу сум среќен што по 18 години сè уште одиме напред. Не се сомневав во нивните квалитети ни тогаш, кога почнувавме заедно во 2008. Верувам дека можат да понудат нешто поинакво од другите и дека ќе траат уште долго“, рече Стефановски.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов