ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ ЌЕ НАСТАПИ СО БИТОЛСКИОТ ДУВАЧКИ ОРКЕСТАР НА ФЕСТИВАЛОТ НА МУЗИКА ОД СВЕТОТ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Драган Мијалковски ќе настапи со Битолскиот дувачки оркестар на 29 ноември од 20 часот во Центарот за култура во Битола, во рамките на 18. издание на Фестивалот на музика од светот.

Концертот е најавен под насловот „Биг бенд едишн“, а Мијалковски ќе ги испее своите најголеми хитови.

Кариерата на Мијалковски започна во 1969 година на аудицијата „Бараме млади таленти“. Најголема популарност стекна во 1970-тите и 1980-тите, кога настапуваше на фестивали низ поранешна Југославија и соработуваше со познати композитори, меѓу кои и Славе Димитров. Во 2024 година ја доби наградата за животно дело на „Златна бубамара на популарноста“.

Фестивалот на музика од светот се одржува во организација на Центарот за култура во Битола и низ годините претставува различни музички жанрови, изведувачи и оркестарски состави од домашната и меѓународната сцена.

Ж. ЗДРАВКОВСКА 

Фото: К. Попов