На 9 ноември, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт во Велес во чест на Денот на Општината. Концертот е закажан за 20 часот во салата на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Програмата со која Националниот џез оркестар ќе настапи во Велес е поделена на два дела. Во првиот ќе бидат изведени нумери од неговиот албум „Македонски сновиденија“. Во вториот дел ќе свири македонски евергрини, а одделни песни ќе ги пее Светлана Јовановска. Влезот е бесплатен.
Ова е трет концерт на Националниот џез оркестар во Велес. Првиот беше одржан на 23 април 2024, кога го изведе концертот „Џез лектира“, посветен на творештвото на кралот на свингот, Каунт Бејзи. Вториот концерт беше одржан на 23 ноември истата година, под наслов „Кросовер сторис“, со авторска музика од македонскиот автор Владимир Николов, професор на Факултетот за музичка уметност во Белград.
П. ПЕЧКОВ