Како дел од содржините на одбележувањето на 9 Ноември, Денот на ослободувањето на Велес, од денеска (11 ноемрви) до 16 ноември ќе се одржат 59. Детски Рацинови средби. Манифестација е посветена на творештвото, литературата и уметничкото изразување на најмладите.
Поетскиот конкурс беше на тема „Моето и Рациновото утре“, на кој можеа да учествуваат ученици во три возрасни категории: од шесто и седмо одделение, осмо и деветто одделение и од средните училишта. Ликовниот конкурс, кој е за истите категории, беше на тема „Рацин и неговите стихови преточени во слика“. И двата конкурси беа меѓународни.
Содржините на манифестацијата опфаќаат литературни, ликовни и грнчарски работилници, книжевни средби и посети на Спомен-куќата на Рацин. Предвидени се и промоција на книгата „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска и запознавање со поетското творештво на Македонка Јанчевска. Свечената завршна програма со доделување награди на најуспешните ученици е најавена за 16 ноември од 14 часот во салата „Бели мугри“.
Организатор на Детските Рацинови средби e Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Велес.
П. ПЕЧКОВ