МАНДОЛИНСКИОТ ОРКЕСТАР „СКОПЈЕ“ СЛАВИ 25 ГОДИНИ СО КОНЦЕРТ НА 14 НОЕМВРИ, РАМАДАН ШУКРИ ОДБЕЛЕЖУВА 60 ГОДИНИ УМЕТНИЧКА ДЕЈНОСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ ќе одржи јубилеен концерт на 14 ноември од 20 часот во Националната опера и балет по повод 25 години од своето постоење и 60 години уметничка дејност на маестро Рамадан Шукри.

Со оркестарот ќе диригираат Рамадан Шукри и Ерхан Шукри, а како гости ќе настапат мецосопранистката Јадранка Јовановиќ од Србија и виолинистките Лалита и Нандини од Индија, како и солистите Катерина Стојановска, Вариса Хајдерпашиќ (сопран), Христо Арсовски (тенор), Добрила Грашеска (вокал), Џон Илија Апелгрен (џез пејач), Ернес Ибраимовски (баритон) и Лазар Сандев (мандолина).

Ерхан Шукри, кој и претходно настапувал како диригент со мандолински ансамбли, ја продолжува музичката традиција на својот татко Рамадан Шукри, долгогодишен диригент и педагог, кој има значаен придонес во развојот и афирмацијата на мандолинската музика во Македонија.

Ерхан Шукри во октомври 2023 одбележа 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години од основањето на Гудачкиот камерен оркестар „Арко“. Средствата од хуманитарниот концерт „Првите мои 20 во 30“ беа наменети за деца со дијабетес.