„Кока кола“ денеска го пушти во продажба својот прв алкохолен пијалок, кој е наменет за јапонскиот пазар.
Опишан како уникатен во 125-годишната историја на компанијата, овој пијалок со вкус на лимон ќе се продава во три варијанти, со јачина меѓу три и осум отсто алкохол. Целната група е помлада популација, особено жени.
Во духот на традицијата на компанијата, рецептот се чува во тајност, но тој е направен врз основа на популарниот јапонски пијалок „чу-хи“, кој е мешавина од локален алкохол и широка палета на овошни вкусови, што се нарекува алкопоп.
„Чу-хи“ во Јапонија се рекламира како алтернатива за пиво и особено е популарен меѓу жени. Најпопуларни вкусови се грејпфрут и лимон, што сега го искористи и „Кока кола“.
Од компанијата велат дека засега немаат намера да го донесат овој производ и на други пазари.