„ОпенАИ“ ја претстави долгоочекуваната нова верзија на својот четбот за вештачка интелигенција ГПТ-5, велејќи дека може да обезбеди експертиза на ниво на докторат. Опишувајќи го како попаметен, побрз и покорисен, коосновачот и извршен директор на „ОпенАИ“ Сем Алтман (фото) го пофали новиот модел како вовед во нова ера на ЧетГПТ.
„Мислам дека нешто како ГПТ-5 би било речиси незамисливо во кое било претходно време во човечката историја“, рече Алтман.
Објавувањето на ГПТ-5 и тврдењата дека има способности на ниво на докторат во области како кодирање и пишување доаѓаат во време кога технолошките фирми продолжуваат да се натпреваруваат кој ќе го има најнапредниот четбот за ВИ.
„ОпенАИ“ вели дека ГПТ-5 е способен да креира софтвер во целост и да демонстрира подобри способности за расудување, со одговори што покажуваат функционирање, логика и заклучување. Компанијата тврди дека е обучен да биде поискрен, да дава поточни одговори и дека, генерално, се чувствува почовечно. Алтман додаде дека новиот модел на „ОпенАИ“ ќе страда од помалку халуцинации, феноменот во кој големите јазични модели измислуваат одговори.
„Моделот е значително подобар од неговите претходници. Кај ГПТ-3 ми се чинеше како да разговарам со средношколец, а со четворката се чувствував како да разговарам со студент. Со ГПТ-5 првпат се чувствувам како да разговарам со експерт за која било тема, како експерт на ниво на докторат“, кажа Алтман.
Новиот модел од вчера им е достапен на корисниците и во следните денови ќе може да се провери дали е толку добар како што тврди Алтман.
(Фото: АП)