„Викторијас сикрет“ го прими во своите редови првиот таканаречен плус сајз модел и ова доаѓа само една година откако шефот на маркетингот на овој бренд Ед Разек изјави дека никогаш нема да ангажираат вакви манекенки за свои ревии, бидејќи „тоа би можело да ја уништи фантазијата“.
Шпанката Лорена Дуран сега стана првиот „ангел“ на „Викторијас сикрет“ кој не носи конфекциски број 1 (XS) или 2 (S).
„Среќна сум и горда со мојата нова работа. Ова е време на различности и благодарам на ‘Викторијас сикрет‘ што ги оствари моите сништа“, напиша 25-годишната Дуран на Инстаграм.
Дуран, која ја нарекуваат шпанска Ешли Грем, според најпознатиот плус сајз модел на светот, мислела дека нејзината манекенска кариера е готова, кога на 20 години поради хормонални проблеми нагло се здебелила. Висока 1,75 метри, таа денес носи конфекциски број 4/5 (L/XL) и гордо ги покажува своите облини на Инстаграм, каде има повеќе од 54.000 следбеници.
Ангажирањето на Дуран е дел од новата политика на компанијата, откако за директорка дојде Ејми Хаук.