НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЈА ОТКРИВА МИСТЕРИОЗНАТА СТРАНА НА МАЈКЛ ХАЧЕНС

Лондон, (Би-Би-Си)

Досега невидени приватни снимки од врската со Кајли Миног се вклучени во новиот документарец за покојниот пејач на „Инексес“, Мајкл Хаченс, што го продуцираше Би-Би-Си. Филмот за Хаченс, кој по низа приватни проблеми се обеси во хотелска соба во Сиднеј во 1997 година, е опишан како „интимен портрет кој ја открива неговата тајна и мистериозна страна“.

Освен Миног, која го одобри објавувањето на снимките, за потребите на филмот се интервјуирани и манекенката Хелена Кристенсен, која првпат јавно проговори за врската со Хаченс, Боно Вокс, останатите членови на „Инексес“, како и најблиски роднини на Хаченс.

Хаченс и Кајли Миног беа во врска две години

Насловен „Mystify“, според една од најпознатите песни на австралиската група, филмот премиерно беше прикажан завчера на филмскиот фестивал Трајбека во Њујорк.

Основана во 1977 година, групата се здоби со светска популарност дури во втората половина на 1980-ите, кога освои низа награди на Ем-Ти-Ви.

Иако јавноста го доживуваше како секс симбол и харизматична рок ѕвезда, пријатели велат дека приватно, Хаченс бил срамежлива, несигурна и нежна душа, чии слободни сценски настапи биле возможни само поради неговиот слаб вид, што го штитело од директен контакт со публиката.