ЗГРАДА ВО ДРЕЗДЕН Е ПРВА НА СВЕТОТ НАПРАВЕНА СО ЈАГЛЕРОДЕН БЕТОН

Дрезден, (Дезин)

Истражувачите од Техничкиот универзитет во Дрезден соработуваат со германското архитектонско студио „Хен“ за да ја создадат првата бетонска зграда која место челик е зајакната со јаглеродни влакна. „Коцка“, која моментално се гради во рамките на кампусот на универзитетот, е опишана како прва зграда направена од јаглероден бетон.

Овој нов тип на бетон дава иста структурална сила како бетонот засилен со челична арматура, но се користи многу помалку бетон. Овој бетон е засилен со предиво од јаглеродни влакна и според „Хен“, така се добива четири пати посилен материјал од регуларниот бетон, но исто така и четири пати полесен. За разлика од челикот, јаглеродните влакна се отпорни на ‘рѓа, со што јаглеродниот бетон има и подолг век на траење.

Со ѕид што се преклопува во покрив, обликот на зградата е инспириран од лесните и флексибилни својства на јаглеродни влакна.

Зградата е суштината на проект на Техничкиот универзитет во Дрезден, кој ја истражува можната употреба на овој нов материјал во градежништвото.