Холандските архитектонски студија „МВРДВ“ и „Зек“ ги објавија плановите за трансформирање на стара црква во базен, што го нарекоа „Света вода“. Тој ќе се наоѓа во црквата „Свети Франциск Асишки“ во градот Херлен. Проектот ќе го заземе централниот дел на црквата од 1923 година, која е празна веќе две години и ќе ја претвори во социјален простор со базен.
„Базенот ќе има прилагодлив под, што значи дека може да биде целосно скриен (што го прави просторот флексибилен за различни намени) или целата просторија може да биде покриена со плиток слој вода за да можат посетителите да шетаат по вода во црквата“, се вели во соопштението на „МВРДВ“.
Дизајнот задржува голем дел од карактерот на црквата недопрен, додека паметно го пренаменува просторот. Црковните клупи ќе бидат претворени во седишта покрај базенот и мебел за пиење кафе, додека витражните прозорци и натаму ќе пропуштаат обоена светлина внатре. Старата говорница ќе стане седиште за спасувачот. Целиот простор ќе биде завршен со мозаичен под дизајниран во соработка со локални уметници.
„Бројот на празни цркви се зголемува, па затоа треба да излеземе со нови, креативни идеи за тоа што можеме да направиме со овие згради. Зошто повторно да не им се даде социјална функција како што имаа порано? Јавен базен е идеално погоден за ова“, кажа основачот на „МВРДВ“, Вини Мас.
Се очекува базенот да биде отворен во 2027 година.
(Фото: МВРДВ)