По неколку години одложување и промени на локацијата, во Лос Анџелес почна изградбата на музејот посветен на делото на легендарниот филмски режисер и творец на „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас.

Музејот на наративна уметност ќе се наоѓа во близина на универзитетот Јужна Калифорнија, на којшто Лукас студираше филм и во галеријата од 9.000 квадратни метри ќе бидат изложени неговата колекција на уметнички дела и предмети од снимањето на неговите филмови, првенствено „Војна на ѕвездите“.

Тој е проектиран од едно од највозбудливите нови имиња во светот на архитектурата, Ма Јансонг од студиото „МАД архитектс“, кој се прослави со своите неофутуристички дизајни, како оперската куќа во Харбин, Кина.

Формата на музејот ќе потсетува на вселенски брод и се очекува да биде завршен до 2021 година. Просторот околу музејот ќе биде наменет за фестивали, проекции на филмови на отворено и за други семејни активности.