По осум години планирање, една година одложување и потрошени милијарди долари, првиот Светски саем (Експо) на Блиски Исток се отвори синоќа во Дубаи, со надеж дека ќе привлече голем број туристи и инвеститори во наредните шест месеци.
Не така одамна, просторот од 438 хектари беше пустина, која во меѓувреме беше претворена во футуристички пејзаж со роботи, метро станица и павиљони од милиони долари, сето тоа изградено од евтина мигрантска работна сила. Владата на Дубаи потрошила седум милијарди долари на екстравагантниот настан, кој има традиција од 1851 година.

Организаторите велат дека 192 држави ќе ги претстават своите култури и иновации на Експо 2020. Американскиот павиљон е реплика на ракетата „фалкон 9“ на „СпејсЕкс“, додека италијанскиот содржи 3-Д реплика на Давид на Микеланџело, висока 5,2 метри.

Кина го има еден од најголемите павиљони, кој личи на традиционален фенер, додека павиљонот на Саудиска Арабија е опремен со најголемиот интерактивен светлечки под на светот.
На отворањето настапија ѕвезди од цел свет, вклучувајќи ги италијанскиот тенор Андреа Бочели, британската поп пејачка Ели Гулдинг и кинескиот пијанист Ланг Ланг.