Холандија го пушти во употреба првиот бетонски мост испринтан во 3Д и тој ќе биде наменет исклучиво за велосипедисти. Тамошните власти веруваат дека ова е прв проект од ваков тип на светот.

Токму претставниците на локалната власт први поминаа по новиот мост, што се наоѓа во југоисточниот град Хемерт.

„Мостот не е многу голем, но беше направен со помош на принтер, што го прави уникатен. Тој може да издржи тежина на 40 камиони“, изјави Тео Салет од Технолошкиот универзитет во Ајндховен.

Работите на осум метри долгиот мост, кој има 800 слоеви, траеја три месеци и тој беше направен со засилен преднапрегнат бетон, велат од универзитетот.

„Предноста на принтање мост е што е потребно помалку бетон, во споредба со вообичаените техники. Гледаме во иднината. Нашата компанија постојано бара понови и попаметни инфраструктурни решенија“, изјави Маринус Схимел, директорот на компанијата-изведувач БАМ.

Холандија, САД и Кина се светски лидери во технологијата на 3Д принтање.