Малдиви се здружи со архитектонското студио „Вотерстудио“ за да креира пловечки град со изглед на мозок, кој би бил дом на 20.000 луѓе. Наречен Пловечкиот Град на Малдиви, тој ќе се наоѓа во лагуна во близина на главниот град Мале и ќе содржи 5.000 домови.
Со растот на нивото на морето ќе расте и градот, кој ќе биде изграден врз шестаголни пловечки структури.
Осумдесет проценти од територијата на Малдиви лежи помалку од еден метар над површината на морето и се проценува дека до 2100 година на островите веќе нема да може да се живее поради покачувањето на нивото на морето. Властите на Малдиви им нудат можност на 20.000 луѓе да се преселат во нов пловечки град најрано во 2024 година. Изградбата треба да почне подоцна оваа година.
„Овој единствен островски град нуди револуционерен пристап кон модерно одржливо живеење. Ова е првиот вистински пловечки град на светот, футуристички пејзаж од соништа кој ќе стане реалност“, велат од „Вотерстудио“.
Кога проектот целосно ќе биде готов во 2027, Пловечкиот Град на Малдиви ќе се состои од серија шестаголни острови обликувани според локален корал. Покрај домови, чија цена ќе биде најмалку 250.000 долари, во градот ќе има и хотели, ресторани, продавници, болница, училиште и владини објекти.