НАПУШТЕНИОТ АЕРОДРОМ ВО АТИНА ЌЕ СЕ ПРЕТВОРИ ВО ОГРОМЕН ПАРК СО 31.000 ДРВЈА

Атина, (Си-Ен-Ен)

Меѓународниот аеродром „Елиникон“ во Атина е напуштен веќе 21 година, но наскоро ќе биде претворен во огромен крајбрежен парк, поголем од лондонски Хајд Парк.

Во почетокот на следната година ќе почне реализацијата на проектот што ќе му даде нов живот на овој простор од 2,4 квадратни километри, што исто така треба да ја зајакне климатската отпорност на Атина.

Ова е генерациски и трансформациски проект за Грција. Жителите на Атина повеќе од 20 години ги фрустрираше фактот дека ова важно јавно земјиште беше празен простор“, изјави Мајкл Гав, архитект од бостонското студио „Сасаки“, кое го дизајнираше проектот.

Дел од историјата, сепак, ќе биде зачуван, како терминалот од 1960-ите, проектиран од славниот фински архитект Еро Саринен. Во паркот ќе бидат засадени само видови својствени за Грција, што вклучува 31.000 дрвја и повеќе од три милиони други растенија.

Се проценува дека изградбата на паркот ќе чини осум милијарди долари, а првата фаза треба да биде завршена до 2026 година.

Атина веќе ги чувствува последиците на климатските промени и се проценува дека до 2050 година ќе биде изложена на некои од најлошите суши и жешки бранови. Ова може да се ублажи со зелени површини, чиј моментален недостиг е голем проблем за Атина, која е меѓу петте престолнини во ЕУ со најслаба покриеност со дрвја.