НОРВЕШКИОТ ГРАД ТРОНДХАЈМ ДОБИ ЗГРАДА КОЈА ПРОИЗВЕДУВА ПОВЕЌЕ СТРУЈА ОТКОЛКУ ШТО Ѝ Е ПОТРЕБНО

Осло, (Дезин)

Угледното норвешко архитектонско студио „Снехета“ дизајнираше зграда која произведува двојно повеќе електрична енергија отколку што ѝ е потребно.

Новото седиште на компанијата „Братеркаја“ се наоѓа во пристаништето во Трондхајм и е обложено со 3.000 квадратни метри соларни панели кои произведуваат доволно струја не само за сопствените потреби, туку и за соседните објекти и за јавниот превоз.

Од „Снехета“ велат дека се надеваат оти ќе постават нови стандарди во градежништвото во екот на климатската криза, без да се загрозува естетиката.

„Енергетско позитивните згради се згради на иднината. Правилото во индустрискиот дизајн не треба да биде ‘формата ја следи функцијата‘, туку ‘формата ја следи животната средина‘. Тоа значи дека при дизајнирањето треба да оставаме што помалку траги во околината“, вели основачот на „Снехета“, Кјетил Тредал Торсен.

Зградата е обложена со 3.000 квадратни метри соларни панели

Зградата од 18.000 квадратни метри е поврзана со градската железничка станица со пешачки мост. Формата на зградата е таква што овозможува нејзина максимална изложеност на сонцето и тоа беше голем предизвик за архитектите, имајќи го предвид ограничениот број часови на дневна светлина во овој северен град.

Во текот на една година, панелите ќе генерираат околу 500.000 киловат часови чиста обновлива енергија и вишокот ќе се складира во големи батерии за мрачни зимски месеци.

„На тој начин, зградата ќе функционира како мала електрична централа среде град и ќе обезбедува струја и за околните згради и за електрични автобуси, автомобили и бродови“, додаваат од „Снехета“.