Јапонскиот премиер Шинзо Абе го отвори новиот национален стадион во Токио, на кој следната година ќе се одржат церемониите на отворањето и на затворањето на Летните олимписки игри. Тој, исто така, ќе биде домаќин на атлетските натпреварувања. Стадионот го проектираше наградуваниот јапонски архитект Кенго Кума.

Стадионот е разубавен со многу дрвја и цвеќиња (Фото: АП)

„Стадионот совршено се вклопува во неговото природно опкружување. Во неговата структура е искористено многу дрво“, кажа гувернерот на Токио Јурико Коике, укажувајќи на зеленилото кое е насекаде.

Иако Токио е густо населен град, тој содржи голем број паркови и зелени области, што е применето и на новиот стадион. На 30 метри височина, на петтото ниво, се наоѓа шеталиште со клупи, цвеќиња и дрвја, кое кружи околу целиот стадион и нуди убав поглед на градот и на планината Фуџи.

Од петтото ниво на стадионот има убав поглед на градот (Фото: АП)

„Сакавме да ги нагласиме сите четири годишни времиња, за да можат луѓето да го користат стадионот преку цела година и да уживаат“, вели архитектот Кума.

Изградбата на стадионот, кој има 68.000 седишта, што може да се прошири до 80.000, чинеше 1,43 милијарди долари. Летните олимписки игри почнуваат на 24 јули.