Френк Лојд Рајт (1867-1959) помогна да се обликува модерната архитектура во САД и осум негови згради сега се вклучени во листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Изградени меѓу 1906 и 1959 година, тие се наоѓаат во Чикаго, Лос Анџелес, Њујорк, но и во мали градови како Оук Парк, Мил Ран и Скотсдејл, станувајќи едни од ретките примери на архитектурата од 20. век кои биле признати на ваков начин.

„Овие дела го содржат она што УНЕСКО го нарекува неверојатна универзална вредност и тие ги надминуваат националните граници и се важни за целото човештво. Огромна чест е што делата на Рајт се ставени на исто ниво со пирамидите во Гиза, Таџ Махал и Статуата на слободата“, изјави Стјуарт Граф, извршен директор на фондацијата „Френк Лојд Рајт“.

Од неговите корени во Чикаго до поексперименталните модернистички креации, во оваа група згради влегоа и приватни објекти и големи јавни музеи, како „Гугенхајм“ во Њујорк.
