Турското студио „Табанлиоглу архитектс“ го објави дизајнот на новиот национален стадион на Косово, што ќе се гради во Глоговац, 20 километри од Приштина и ќе има капацитет од 30.000 гледачи. Тој ќе биде дом на фудбалската репрезентација на Косово, која сега игра на стадионот „Фадиљ Вокри“ со само 13.000 седишта.

„Оваа нова урбана структура ќе биде како мост што ќе ги поврзува луѓето преку радоста на спортот. Рефлектирајќи ги современоста и мултиетничкиот идентитет на Косово, стадионот ќе може да обедини 30.000 луѓе. Косово помина низ граѓанска војна и поврзувањето на луѓето е многу важно“, изјави Мурат Табанлиоглу, основачот на ова архитектонско студио од Истанбул.

Стадионот ќе биде изграден според сите стандарди на УЕФА и ФИФА за одигрување меѓународни натпревари и покрај него ќе има и два терена за тренинг, а во близина е планиран и парк за јавни настани и концерти.